daily news paper Vest
Насловна 
Македонија 
Црна Хроника 
Свет 
Скопје 
Култура 
Ревија 
Калеидоскоп 
Живот 
Фељтон 
Прилог 
Пошта 
Хумор 
Спорт 
ФОТО 
Време 
Денес    
ден: 34
ноќ: 14
Утре    
ден: 31
ноќ: 13
Задутре    
ден: 32
ноќ: 13
Кина 
Site Meter
  Година: 1   Број:279   Вторник   6/12/2001
  Македонија
Пребарувач
Во соработка со Најди!

СЕ БЛОКИРА ФОРМИРАЊЕТО НА ЗАЕДНИЧКАТА КОМАНДА НА ВОЈСКАТА И ПОЛИЦИЈАТА
Арачиново во сценарио за воена состојба
Во МВР, во чија надлежност е окупираното Арачиново, немаат рационално објаснување како се дозволи Арачиново, кое е на неколку километри од главниот град на државата, преку ноќ да биде контролирано од вооружените екстремисти.

Терористите веќе пет дена се утврдени во Арачиново, а полицијата е на приодите од селото, и како што велат полициските извори "благо напредуваат". Од високи полициски извори дознаваме дека наспроти ваквата бизарна ситуација, министерот за внатрешни работи Љубе Бошковски, вчера стручниот колегиум го посветил на награди и други технички прашања. Не станало збор за окупацијата на Арачиново, ни за бројот на терористите, а уште помалку биле разменети мислења за тактика и стратегија за разбивање на терористите од селото, кое до пред една недела живееше нормален живот.
Во МВР, во чија надлежност е окупираното Арачиново, немаат рационално објаснување како се дозволи Арачиново, кое е на неколку километри од главниот град на државата, преку ноќ да биде контролирано од вооружените екстремисти. Не можат да објаснат ни зошто не се прочитани очигледните знаци дека таму нешто се случува, кога колоните беглаци од селото почнаа масовно да го напуштаат селото и да заминуваат на "гости, и на одмор во Косово". Одговор на ова прашање немаа вчера и портпаролите на МВР, на Владата и на МО, кои на прес-конференцијата одбегнаа да коментираат што било. Рекоа само дека треба да се направат проценки.
Министерот Бошковски, меѓутоа со нему својствена леснотија во јавноста, излегува со изјави дека во селото има 600, 700, па дури и 1.000 терористи. Ваквата прогресија во изјавите на Бошковски, велат високи извори во Владата, не е случајна. Напротив, добро се искалкулирани и нивната цел е да се внесе паника кај граѓаните и состојбата да поприми драматични и загрижучки димензии, за кои единствен лек ќе биде воведувањето воена состојба. Неа и натаму фанатично ја пропагира премиерот Љубчо Георгиевски, потпомогнат од неговиот советник - претседателот на Собранието Стојан Андов. Впрочем, и лидерот на ДПА Арбен Џафери Арачиново го објасни како " дел од воената логика". Зад воената сотојба стои и целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, која толку му е лута на претседателот Трајковски за неговото одметнување и застанување на спротивната страна, што веќе почнале да му се обраќаат со "граѓанинот Трајковски".
Репортерот на Си-Ен-Ен завчера во извештајот за заканите на командантот на ОНА Хоџа рече дека премиерот Георгиевски го имал нивниот мобилен телефон и дека кога сака може да ги добие. Портпаролот на Владата Милошоски на ова одговори дека Хоџа се обраќа на погрешна адреса, бидејќи се знае кој е врховен командант. Вчера, ВЕСТ од свои извори дозна дека Бошковски сепак имал некакви контакти со "луѓето од Арачиново". Многу е интересно што овој пат ОНА ја смени тактиката. Наместо да ги држи цивилите како заложници, таа ги пушти, за да ги испровоцира македонските безбедносни сили да удрат посилно, отколку досега. Кога тоа би се случило, лесно е да се отворат и нови жаришта како одговор на ударот на владините сили. Извори на ВЕСТ потврдуваат дека Георгиевски и неговите сопартијци по секоја цена настојуваат состојбата во државата да се измати и да се воведе воена состојба, а нејзината завршница е војна и поделба на Македонија. Во тој стил одделни воинствени челници од ВМРО-ДПМНЕ му се заканиле на Трајковски со зборовите " ако не прогласиш сега воена состојба, за 30-ина дена ќе н&ицирц; молиш да ја воведеш!"
Конфузијата и дезориентацијата со кои се проследени делувањето на државниот врв и на безбедносните сили уште откако почна воената криза, политичките аналитичари го објаснуваат со раштиманите односи на релацијата премиер и шеф на државата, поточно на нивните различни концепции за излез од конфликтот. Тоа оди дотаму што одлуките на врховниот командат многу често биле опструирани. Извори на ВЕСТ блиски до кабинетот на претседателот Трајковски велат дека план за напад на Липково и разбивање на терористичките групи имало пред три недели. Била дадена и команда за негово спроведување, но таа заглавила во воената хиерархија.
Дека односите на сопартијците Георгиевски и Трајковски се заладени, пластично покажа и вртењето на грб на Георгиевски на Трајковски кога тој го заврши своето обраќање во парламентот, во кое најотворено се дистанцираше од "лидерите кои кризата сакаат да ја решат само со оружје". Комуникацијата меѓу нив, велат извори блиски до двата кабинета е прекината, односно тие комуницираат преку министерот Бошковски кој меѓу нив изигрува "расипан телефон".
Г. Трпеноски

© ВЕСТ 2001
Секое користење на информации и фотографии од сајтот,
без дозвола на Редакција ВЕСТ е забрането
sloboden dneven vesnik Vest
Рекламен
простор