Кумановско-липковскиот регион, вчераутро во пет часот почна да татне невообичаено силно, означувајќи дека Армијата, во координација со македонската полиција започнала силна акција и борби против албанските терористи, за нивно уништување и протерување од територијата во овој крај што ја имаат подолго време под своја агресија. Во жестоките борби АРМ ангажирала речиси се што има, потврдуваат воени извори, а кое всушност можеше да се почувствува, слушне и види и од балконите на зградите во Куманово. Слупчане и Матејче се биеја од сите страни,а целта беше да се дојде до Липковската брана, која се наоѓа меѓу нив. Покрај тенковските единици, вчера канонада од проектили врз утврдените позиции на терористите истураа и хеликоптерите на АРМ.
Најжестоки борби на македонските безбедносни сили и албанските терористички банди вчера во пладневните часови се водеа кај селата Слупчане, Оризаре, Отља, Алешевце и Извор. Во борбите кај месноста Борова Шума која се наоѓа помеѓу селата Слупчане и Ваксинце била откриена и разбиена поголема терористичка група која егзистирала во овој реон. Некаде во 16.00 часот со хеликоптери беше гранатиран реонот на селото Извор од каде по акцијата се крева густ чад. Неофицијално дознаваме дека АРМ под контрола вчера околу 15 часот го презела Липковското езеро и ги потиснала терористите во планината. Од селата во липковскиот регион се крева густ џад на повеќе локации кои можат да се видат од градот.
Во утринските часови, пак, ечеле експлозии во близина на Арачиново. Според МВР, терористите го гранатирале полицискиот пункт кај блиското село Мојанце. Од наша страна било жестоко возвратено, терористите биле разбиени.
Речиси истовремено, во селото Црешево, кое се наоѓа недалеку од Арачиново, паднала и експлодирала една граната во близина на селската амбуланта, но не предизвикала штети. Гранатата била испукана од правец на Мојанце и Арачиново. Следела серија пукотници од вкупно десет гранати, кои паднале во атарот, но повеќето внатре во селото, а една паднала токму пред автобус на ЈСП, велат мештаните. Во вчерашното гранатирање на ова село, за среќа, повредени нема. (С.К.-С.Н.)
|