|
Соединетите Американски Држави ја повикуваат македонската Влада да не прогласува воена состојба во справувањето со албанските терористи, изјави денеска во Вашингтон портпаролот на американскиот Стејт Департмент, Ричард Баучер. Баучер го осуди актот на насилство, во кој во заседа поставена од албанските терористи кај местото Гајре, Тетовско, животот го изгубија петмина припадници на Армијата на Република Македонија, а шест се повредени. "Албанските екстремисти работат против правата и интересите на сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и правата на Албанците", рече Баучер. Баучер ја поздрави политиката на претседателот Трајковски, со која, според него, со "комбинација на воена акција и политички дијалог, е можно изнаоѓање политичко решение за кризата во државата".
Инаку, американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, кој вчера престојуваше во куса посета на Скопје, ја пренесе безрезервната и недвосмислената поддршка што САД ја даваат на Република Македонија.
|