|
Повикот на Министерството за одбрана и на Министерството за внатрешни работи за евакуација на цивилното население од селото Липково, вчера не даде никакви резултати. Терористите во Липково не му дозволиле на Меѓународниот црвен крст да влезе и да ги евакуира цивилите, потврдија армиски извори. Во Куманово се пренесе информацијата од некои странски медиуми дека градоначалникот на Липково Хусамедин Халили, упатил спротивен апел - тој не им препорачува на цивилите да излезат од своите засолништа, бидејќи таму биле побезбедни, а со излегување од селата, ќе влетале во вкрстен оган на безбедносните сили и терористите. Оваа информација, градоначалникот Халили ја оцени како чиста шпекулација и наведе дека причина поради која жителите на Липково и на околните села не се евакуираат, е нивниот страв за безбедноста на сопствените имоти. Тој тврди дека по евакуирањето, органите за безбдност ги делат мажите од семејствата и ги малтретираат. Најавеното извлекување на околу 10.000 цивили кои веќе 28 дена се наоѓаат во заложништво, требаше да започне во претпладневните часови. Безбедносните структури, во соработка со Меѓународниот комитет на Црвениот крст, на прифатните пунктови во Лопате, Никуштак и во Речица организираа и превоз за прифаќање на лицата. Беше предвидено, по пристигнувањето, евакуираните да се однесат на Градскиот стадион, а по одморот и укажаната помош, да се сместат по нивна желба, но ништо од најдобрите намери.
С. Николиќ
|