Ако има место каде што природата ги дала сите убавини, тоа, секако, е манастирот "Св. Ѓорѓи Победоносец" во селото Рајчица, на самиот влез во Дебар. Чистиот воздух и Дебарското Езеро само ја надополнуваат убавата глетка на уште поубавиот возобновен манастир кој, поради белата фасада, го нарекуваат "Снежна кралица". Доаѓаш да се помолиш за спокој, за мир во душата, и не може да не се свртиш и да ја видиш преубавата околина. Ова, секако, е место каде што за момент се забораваат сите проблеми кои ја мачат човековата душа, зашто мирот и спокојот во манастирот маѓепсуваат. Забораваш дека веднаш крај него е патот за Дебар, туку се чувствуваш како да нема никој, како да си на врв на планина.
Манстирот низ историјата функционирал како економски додаток на "Св. Јован Бигорски". Имал голем црковен имот, вклучувајќи го денес и езерото, кое некогаш бил лозов насад. Се произведувале пченка, пченица, зеленчук, а се преработувало и маслиново масло. Денес во манастирскиот комплекс се сместени црквата, посветена на овој светец, конак со одаи за сестрите и параклис. Манастирот, како метох на "Св. Јован Бигорски", датира уште од 11 век, но конакот е нов, возобновен пред три години и е изграден на старите темели, автентично на претходниот. Единствено се додадени параклисот и камбанаријата. Црквата што е сместена во дворот на манастирот е од 16 век, и по многу уривања низ вековите, конечно во 1835 година е возобновена. Тоа било време на игуменот Аресениј, кој бил највлијателен игумен од бигорската обител.
"Тој - вели сестра Јасмина - многу направил за Бигорскиот манастир, а со самото тоа и за овој. Штом е изградена црквата, таа е фрескописана од Димитар и Михаил, на барање на монасите од 'Св. Јован'. Вториот дел подоцна го фрескописал нивниот ученик Дично Зограф. Во оваа црква има доста ретки фрески, како што се на св. Кирик, на св. Наум Чудотворец, целокупното житие на св. Ѓорѓи Победоносец, прикажано со неговиот мачител - царот Диоклецијан со турска чалма на главата. Тоа историски е невозможно, било многу време пред Турците, но се претпоставува дека чалмата е симбол на мачител. Палиелејот е донесен неодамна од Грција и претставува присуство на светиот дух, и за време на службата се врти",
На сите кои пристапуваат со вера, Господ им помага. Сестра Јасмина не знае за примери на исцелување, сепак, иконите се само неколку месеци кај нив. Но мисли дека овие се чудотворни икони и ним им помагаат. "Не ретко - кажува таа - се случило нешто да ни притреба, и следниот ден веќе некој ни го донел. А доаѓаат многу верници, на поминување. Нема соби за нив, освен една гостинска. Идејното решение за новиот конак е на отец Партениј. Нему дамнешна желба му била да се возобнови манастирот, зашто откако е дојден во 'Св. Јован Бигорски', секој Ѓурѓовден доаѓал и служел во црквата. Правен е според светогорските манастири. Отец Партениј цела година минал во манастирот 'Григоријат' на Света Гора и го има пренесено целото искуство. И трпезаријата е направена по примерот на светогорските. На самото чело каде што е местото за владиката, насликана е 'Тајната вечера'. Се користи за славите, има капацитет од 120 луѓе и по заедничката служба на Ѓурѓовден, доаѓаме на ручек".
Откако е отворен манастирот, дојдени се дел од сестрите. Во неговата историја прв пат е женски манастир. Сега се девет сестри, сите се искушенички. Сестрата вели дека "Св. Ѓорѓи" ги собрал од сите краишта на Македонија.
"Има сестри од Охрид, од Скопје, од Кадино, Виница, Гевгелија, Радовиш, од Кратово. Покрај секојдневните послушанија, имаме и секојдневни служби, утрена литургија, вечерна служба и завршуваме со повечерје. Ова е единствен женски манастир во Македонија со таква привилегија, благодарение на близината на 'Св. Јован Бигорски' и големата поткрепа од братството, особено од нашиот игумен. Имаме и работилница каде што изработуваме мантии и владички митри, кои се прават само кај нас. Изработката на митрите е тајна која се пренесува на генерации. Нам оваа тајна ни ја откри отец Партениј. Тука изработуваме и темјан, по урнек на грчкиот, и го користиме само за наши потреби", раскажува сестра Јасмина.
Весна Миленковска
Фото: Б. Грдановски
***
Лековита вода
Во дворот на манастирот се наоѓа чешма со лековита вода. Сестра Јасмина кажува дека кога постоел стариот манастир, водата си течела. Со доаѓањето на комунизмот, водата сама од себе секнала. Кога почнал да се возобновува конакот, се појавила и водата. И почнале да се случуваат чуда. Во една фамилија од Тетово жената имала големи главоболки и ништо не и помагало. Откако се напила од водата, главоболките престанале. Нејзиниот сопруг и многу други од Тетово и денес доаѓаат да полнат вода. Од оваа вода полнат и луѓе од муслиманска вероисповед. Овде населението претежно е од муслиманската вера, но уште од дамнина, секогаш кога имале некој проблем, доаѓале тука по помош. Да наполнат вода или да се поклонат во црквата. Има и љубопитни странци кои прочитале за манастирот и дошле да ја видат неговата убавина.
***
Чудотворната икона на св. Ѓорѓи Победоносец
Во црквата "Св. Ѓорѓи Победоносец" се наоѓа единствената чудотворна копија на неговата икона од Света Гора. Поврзана е со едно чудо што се случило. Тројца браќа од Охрид го граделе манастрот и не знаеле кому да го посветат. Решиле да размислат, и кога ќе се договорат да стават икона на местото каде што требало да стои патронот. Меѓутоа, Бог, по своја промисла, направил иконата сама да си дојде на тоа место. Така иконата исчезнала од Лида, родното место на св. Ѓорѓи и се појавила на новото место во "Зограф" манастирот на Света Гора. Браќата кога ја виделе иконата, сфатиле дека, по божја промисла, манастирот треба да му биде посветен на св. Ѓорѓи Победоносец. Но во Леринско имало владика кој не верувал во тоа чудо и дошол сам да се увери. Застанал пред иконата, почнал со големо непочитување да се однесува со неа и невнимателно ја допрел. Како ја допрел, така прстот му се залепил за неа. Не можеле да му го тргнат, не помогнале ниту молитвите на браќата, и морале прстот да му го пресечат. По извесно време му се појавил св. Ѓорѓи и му рекол: "Затоа што не веруваше, нека остане трага од твоето неверие на иконата моја". На оригиналот се уште имало парче од кожата. А овде ја има единствената копија која е подарок од отец Пајсиј, некогашниот игумен на "Св. Прохор Пчињски".
***
Честица од крстот на кој е распнат Исус Христос
Во црквата има икона која содржи честица од чесниот крст на кој бил распнат Исус Христос. Честичката е стара околу 2.000 години и има животворна моќ. За тоа, како што раскажува сестра Јасмина, зборува и самиот начин на кој бил најден крстот. Кога царица Елена тргнала во светата земја да го бара крстот, по божја промисла ги нашла сите три крста. На двајцата разбојници и на Исус Христос. Не знаејќи кој е крстот на Исус Христос, положиле мртовец на сите три крста. Кога го положиле на крстот на Исус, мртовецот воскреснал. Крстот потоа бил издигнат пред народот и тој празник се нарекува Возвишение на животворен крст. На тој ден црквата е осветена. Тоа е Крстовден и ние не го знаевме. Но сам Господ така сакаше, да го одбере тој ден за да бидат преосветени темелите за новиот манастир. По божја промисла, ние тој ден го зедовме како ден за мала слава. Така сега имаме две слави. Името го славиме на Ѓурѓовден и малата слава на Крстовден.
***
Раката на св. Ѓорѓи
Параклис е внатрешна црква, во рамките на конакот каде што зиме се одржуваат службите. Посветен е на тројцата светители - св. Нектариј Битолски, св. Јован Кукузел и св. Григориј Палама. Во него од пред неколку месеци е сместено делче од раката на св. Ѓорѓи. Сестра Јасмина кажува дека, според отец Партениј, овој манастир станал место каде што се чуваат моштите на св. Ѓорѓи, и навистина само божјата промисла можела да направи да дојдат моштите овде на чуден начин. Подарок се од еден игумен на манастир во Грција, ефимениј на една црква, поранешен монах на Света Гора. Тој се викал Епифаниј и извесно време поминал на Света Гора. Живеел со неколку монаси и сите имале делче од моштите на св. Ѓорѓи. Мислејќи дека тој ќе биде Ѓорѓи, му дале и нему мошти. Но, по божја промисла, излегло да се вика Епифаниј. Тој ги задржал моштите и му ги дал на отец Партениј. Кога му ги давал, му рекол: "Ете зошто сум ги чувал моштите, за да ви ги дадам вам". Кога ги добил отецот моштите не мирисале, но со самото доаѓање во манастирот почнале да мирисаат, да испуштаат благоухание. Делчето е вградено во позлатено сребро во вид на рака. Таа, по барање на отецот, е направена во Солун. На самата рака е направен отвор за да се гледа делчето и да се бакнува.
|