|
Вчера во Основниот суд 1 во Скопје продолжи судењето против седумина припадници на таканаречената ОНА, сите обвинети за кривично дело: тероризам.
Емруш Сума, познат по прекарот командант Хоџа од Косово-СРЈ, Сејфула Исмаиљ Хаки, Рафиз Аљити, Мухарем Ебиби, Нехад Пајазити, Седат Пајазити и Арун Пајазити, сите државјани на Македонија, пред судот треба да одговараат за извршени терористички акции во реонот на селото Радуша, напад на полициска патрола и ракетирање на воз кој сообраќал на релација Скопје-Кичево.
На вчерашното рочиште беа сослушани двајца од 6 -мината полицајци кои беа повредени на 23 јуни кога обвинетите извршле терористички напад на колона полициски возила кои се движеле кон селото Радуша. Командант на терористичката група бил сега бвинетиот Сума, а Сејфула и Рафиз Абдула биле водачи на терористичките напади, извршувани со автоматски пушки, минофрлачи и зољи. Останатите четворица полицајци не се појавија во судот затоа што се уште се лечат од повредите задобиени во нападот.
Прв сведочеше Ацо Стојановски, полицаец кој за време на нападот се наоѓал во првото возило. Според неговиот исказ патролата прво била нападната со зољи од кои една завршила во левото тркало од возилото. Од силната експлозија полицајците биле исфрлени од возилото и дел од нив паднале во провалија покрај патот. Напаѓачите не застанале со пукање , туку со автоматски пушки продолжиле да стрелаат кон нападнатата патрола. Стојановски кој ги познава обвинетите оти работел во полициската станица во нивното село, изјави дека за време на нападот освен лицето по име Адем Османи, кои со вперен автомат им се обратил на полицајците да се предадат, не видел никој друг. Тој бил тешко повреден во десната рака и нога од шрапнели и задобил тешка повреда на кичмата. Пред судот Стојановски изјави дека освен физички има и психички последици , како што се ноќни кошмари и халисцинации на експлозија.
Златко Јовановски , резервист кој во полициската станица во село Рашче работел две години, изјави дека ги познава обвинетите, но не ги видел за време на нападот. Тој со своите колеги се наѓал во возилото "лада", кое било погодено со зоља и изрешетано од куршуми. Два од куршумите завршиле во неговиот лев колк, а сега е 60 проценти инвалид.
На судењето свое оштетно побарување пријавија Македонски Железници. Нивниот претставник изјави дека по овој напад сообраќајот на пругата Скопје-Кичево бил прекинат и таа состојба трае до сега. Оштетените полицајци исто така побараа оштета во максимален износ. (К.М.)
|