daily news paper Vest
Насловна 
Македонија 
Црна Хроника 
Свет 
Скопје 
Култура 
Ревија 
Калеидоскоп 
Живот 
Фељтон 
Прилог 
Пошта 
Хумор 
Спорт 
ФОТО 
Време 
Кина 
Site Meter
  Година: 9   Број:2625   Вторник   3/17/2009
  Македонија
Пребарувач
Во соработка со Најди!

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ КАНДИДАТ НА ДУИ АГРОН БУЏАКУ ОТКРИВА КАКО ГИ ЗАРАБОТИЛ ПРВИТЕ ПАРИ
Продавав слики на црно за да заработам за одмор
Целиот бизнис за тие години го развивал на црно. "Во тоа време за фотографиите не плаќав данок за заработените пари. Така беше тогаш", ни откри Буџаку. Тој со парите одел на одмор и купувал книги. Тој е многу горд на неговите три библиотеки

Претседателскиот кандидат на Демократската унија за интеграција Агрон Буџаку, многу рано, како средношколец, го вкусил мирисот на парите заработени од сопствена пот.
Со фотоапарат в рака ги сликал дебарчани, но сликал и други збиднувања во градот, како што биле натпреварите на фудбалскиот клуб "Кораб".
Од продажбата на овие слики, кои ги развивал во домашни услови, заработувал доволно пари за годишен одмор. Најчесто летувал во Грција, но и на Јадранското Море.
"Се сеќавам, бев ученик во третата година во Дебарската гимназија. Сликите кои ги правев за луѓето во градот, ги развивав дома и им ги продавав. Не беа многу пари, но беа доволно за еден годишен одмор", се потсетува претседателскиот кандидат Буџаку.
Тој кажува дека сликањето му било хоби и не го правел тоа заради егзистенција, затоа што работеле неговите родители. Му ги купиле потребните машини за развивање на сликите во домашни услови, не за да му овозможат да ја развие својата страст кон фотографија туку тоа да биде и корисно, да заработи некој денар за себе. За тоа време тие машини не биле воопшто евтини, раскажува Буџаку.
"Во Дебар имаше двајца професионални фотографи. Јас не се натпреварував со нив. Бев голем фан на тогашниот фудбалски клуб 'Кораб', кој се натпреваруваше во тогашната регионална лига. Ги сликав натпреварите и фудбалерите, и сликите ги продавав по тогашните весници", вели Буџаку.
Буџаку ни откри една мала тајна дека целиот бизнис за тие години го развивал на црно. "Во тоа време не плаќав данок за заработените пари. Така беше тогаш".
Парите за одмор продолжил да ги заработува сам и за време на студиите во Белград каде што заминал да запише архитектура, но завршил на Факултетот за англиски и економија.
На распуст, преку Студентската организација, работел како туристички водич на Јадранот. "Најчесто работев во Дубровник и во Ровињ. Добро се заработуваше", вели Буџаку.
Има добри спомени од Белград, иако и во тоа време на факултет имало некои професор оптоварени со етнички предрасуди.
"Тоа време не беше времето на Милошевиќ, многу поинаку беше. Се живееше од кредити. С# можеше да се направи само со една плата", го опишува тој времето од неговото студирање во српскиот главен град.
Најголемо хоби на Буџаку е читањето. "Читањето ми е најголема страст уште од дете. Првата книга ја прочитав кога имав 5 години. Подоцна им се навраќав на истите книги", вели тој.
Најомилени автори му се Хесе и Кадаре.
"Пораснав со делата на Балзак и на Достоевски, а омилена ми е атничката книжевност", вели Буџаку. Последната книга која ја прочитал е "Погрешната вечера" на Исмаил Кадаре.
Тој троши многу пари за купување книги и е многу горд на неговите три библиотеки во Дебар, Скопје и во Брисел.
Друго хоби на Буџаку му е и музиката. "Обожавам ритмичка музика. Го сакам и фолклорот на арбрешите во Италија. Тоа е мешавина на албанскиот и италијанскиот фолклор. Сличен фолклор има и Сенегал каде што се испреплетуваат арапскиот и африканскиот фолклор", вели Буџаку.
Од македонските групи најмногу ја сака "Леб и сол", а омилена пејачка му е Александра Пилева.
Буџаку не практикува некој спорт, освен што, ретко, со внукот игра тенис и кошарка. Тој е голем обожавател на "Манчестер јунајтед". Не пропушта ниту еден натпревар на англискиот клуб, освен последниот со "Ливерпул".
Тој го споредува "Манчестер" со ДУИ.
"'Манчестер' изгуби, но имаме 10 бодови напред, и на крај победуваме во првенството. ДУИ од 19 градоначалнички места може да изгуби едно. Тоа не е страшно", вели тој. Н.Селмани

© ВЕСТ 2001
Секое користење на информации и фотографии од сајтот,
без дозвола на Редакција ВЕСТ е забрането
sloboden dneven vesnik Vest
Рекламен
простор