daily news paper Vest
Насловна 
Македонија 
Црна Хроника 
Свет 
Скопје 
Култура 
Ревија 
Калеидоскоп 
Живот 
Фељтон 
Прилог 
Пошта 
Хумор 
Спорт 
ФОТО 
Време 
Кина 
Site Meter
  Година: 9   Број:2625   Вторник   3/17/2009
  Скопје
Пребарувач
Во соработка со Најди!

ДРАГИ КОЛЧАКОВСКИ, кандидат на ВМРО - Народна партија
Трикатни автобуси за Скопје

Вест: Ниту поранешниот градоначалник Ристо Пенов ниту сегашниот Трифун Костовски најдоа начин да го исчистат градот од ѓубрето и да го одржуваат чист. Како вие би ја одржувале чистотата во Скопје?
Колчаковски: Ако е некој без чувство да го уреди сопствениот двор, повеќе од сигурно ќе биде неуспешен и во предлозите за уредување на населбата во која живее. Проблемот на градот е во неорганизираноста, партизацијата на јавните установи.

Вест: Дел од жителите на Илинденска не дозволуваат булеварот да се прошири во делот од Влада до фонтаната во Градски парк, а им пречи сообраќајниот метеж кој таму се создава. Какво решение на овој проблем би понудиле вие?
Колчаковски: Не знам зошто тој иден булевар би се проширувал само до фонтаната, а не и кон Воена болница! Претворањето на Илинденска во булевар е апсолутно погрешно решение. Впрочем, од 1992 до 2007 живеев на Ленинова, до самата Илинденска. Таков еден булевар по должината на границата со Градскиот парк е катастрофа. Покрај она чудовиште од зграда во паркот, уште булевар ни недостига.

Вест: За трамвајот има проект, нема пари. Имате ли план како да обезбедите пари?
Колчаковски: Деновиве имам закажано прием кај актуелниот градоначалник токму на таа тема. Ќе ја разгледам студијата, а потоа можеби ќе бидам и нејзиниот најголем поддржувач.


Вест: Двокатни или еднокатни автобуси?
Колчаковски: За сите оние што лицитираат на оваа тема, велам "трикатни" автобуси! Можеби сум единствениот кандидат за градоначалник кој децении наназад користи градски превоз, па и во кампањава. Единствената позитивна промена која ја почувствувавме е со воведувањето на приватни превозници. Конкуренцијата си го направи своето. Во Скопје би сакал да видам двокатни автобуси за туристичка намена. Не само странците туку и ние ќе уживаме во нив.


Вест: На Плоштад треба да има споменик на Александар Македонски или на Тоше Проески?
Колчаковски: Прашањето или недоумицата не само што е невкусна туку води и кон грев. Грешки може да правиме, но за гревови опасно треба да внимаваме.

Вест: Му треба ли на градот нова територијална поделба со која општините Ѓорче Петров, Сарај, Шуто Оризари, Бутел и делови од Гази Баба и Кисела Вода нема да бидат дел од Скопје?
Колчаковски: Апсолутно сум за нова административно-територијална поделба. Во оваа проблематика, колку толку, и професионално се разбирам. Сегашнава поставеност, како системско решение е системски проблем. Локален градоначалник ни решава за уредување на локација (Плоштад) со милениумско значење. Ајде да речеме дека тоа не е жално туку само смешно.

Вест: Што ново му нудите на Скопје?
Колчаковски: Разбирам дека е кампања и оти во кампања има ветувања. Неговото височество граѓанинот - гласач е тој што ќе ја оцени реалноста на сите наши ветувања и заблуди, на нашата забеганост и умни идеи. Сите оние ветувања кои ги слушам е како токму сега планетата Земја да излезе од децениската тешка рецесија. За жал, ситуацијата е токму спротивна. На скопјани им ветувам еден визионерски поглед за градот. Да го имаше тоа некој пред 17 години, сега амбасадите нема да ни беа расфрлани по скопските населби. На скопјани им ветувам десетмина визионери, десетмина авторитети кои ќе бидат Советот на градоначалникот и совест на граѓаните. (С.Р.)

© ВЕСТ 2001
Секое користење на информации и фотографии од сајтот,
без дозвола на Редакција ВЕСТ е забрането
sloboden dneven vesnik Vest
Рекламен
простор