daily news paper Vest
Насловна 
Македонија 
Црна Хроника 
Свет 
Скопје 
Култура 
Ревија 
Калеидоскоп 
Живот 
Фељтон 
Прилог 
Пошта 
Хумор 
Спорт 
ФОТО 
Време 
Кина 
Site Meter
  Година: 8   Број:2404   Сабота   6/21/2008
  Ревија
Пребарувач
Во соработка со Најди!

КАКО ЕВРОПА ЈА ДЕЛЕШЕ МАКЕДОНИЈА ПО БУКУРЕШКИОТ ДОГОВОР ВО 1913 ГОДИНА
За бел коњ и гага софра, дупенци си откупија планина
"Во 1913 година, кога се распарчила Македонија, Французите и Англичаните за еден бел коњ и мрсна гозба ни ги дадоа планината, нивите и останатиот имот што сакале да ни го земат, а кој бил многу важен за моите предци од долнодупенскиот крај", го раска

"Дедо ми Цветко Диневски, роден во 1882 година во село Долно Дупени, најјужното населено место во Македонија на брегот на Преспанското Езеро, на петгодишна возраст останува без татко, а по две години мајка му заминала од него. Се премажила во Герман, Егејска Македонија. На 16-годишна возраст Цветко заминал за Америка, од каде што неколкупати се враќал и заминувал. Ова го кажувам затоа што солидно го научил англискиот јазик, кој подоцна, додека се делела Македонија во 1913 година, ќе значи многу, пред се, за родното село, но и за Македонија", раскажува Владе Диневски од Скопје, внук на Цветко, службеник во јавната администрација. Тој вели дека се иритирал од минатонеделниот текст во "Вест" со наслов "Франција втор душман во ЕУ", па решил да ја обелодени
случката за Цветко Диневски од Долно Дупени која се чува како семејна реликвија во семејството Диневски.
"Првпат јавно зборувам за случката со коњот на мојот дедо, зашто гледам дека историјата се повторува и валканите особини и традиции на некои светски сили не се менуваат. Во 1913 година, кога се распарчила Македонија, Французите и Англичаните за еден бел коњ и мрсна гозба ни ги дадоа планината, нивите и останатиот имот што сакале да ни го земат, а кој бил многу важен за моите предци од долнодупенскиот крај. Сега гледам дека за една зделка со оружје во корист на демократска Франција и за една книга напишана за, наводно, негово грчко потекло, францускиот претседател Никола Саркози и даде поддршка на Грција во спорот со името со Македонија. Вистинскиот настан за вековната лесна поткупливост на Французите и на Англичаните за првпат ја објавувам во 'Вест'", вели Владе Диневски.
Владе Диневски е второ директно колено, како што вели, на дедо Цветко од Долно Дупени, кој во 1913 година, кога се ограничувале четири парчиња на Македонија, кои ги добиле Грција, Србија, Бугарија и Албанија, видел со какви чесни демократи си има работа и тактички им зел два-три километри во ширина од територијата која требало да и припадне на Грција. Гестот на дедо Цветко значел многу за селото, иако тоа го чинело откажување од неговиот миленик, на кој бил многу горд.
"Таа 1913 година комисијата за разграничување, составена од чесни и признати демократи Французи и Англичани, ги определувала котите за поставување на границата. Дента членовите на комисијата пристигнале од Ресен со пајтон. Ги донел ресенецот Климе Гунгула. Дел од граничната линија меѓу Србија и Грција требало да минува кај Долно Дупени, на местото наречено Рамниците. Французите и Англичаните мереле до самото село, и тоа ги вознемирило селаните. Го викнале брзо дедо ми, за да му кажат што се случува", ја почнува Владе Диневски приказната за оцртувањето на букурешката граница меѓу Србија и Грција кај село Долно Дупени.
"Дедо ми бил горд човек, имал убав бел коњ, што во тоа време многу значело. Кога слушнал дека нешто се случува крај селото, го јавнал коњот и отишол кај непознатите луѓе. Тогаш имал 31 година. Почнал конверзација со Французинот, но бидејќи не можеле да се разберат, дедо ми се изнервирал и го опцул на англиски. Така човекот си пцуеше цел живот, зашто живеел и во Америка. Кога ја слушнал пцоста, другиот човек од главните во комисијата ја дигнал главата и му се обратил на дедо ми на англиски. Така почнал муабетот на англиски, додека останатите селани биле во исчекување, зашто никој не им објаснил што се случува во нивното село и што прават таму тие туѓинци. На местото каде што се расправале Цветко и претставниците на големите сили, сведоци биле Јосиф Диневски и Методија Марков од Долно Дупени", ја раскажува необјавената случка Владе Диневски.
Цветко и комисијата за разграничување се убедувале. Тој од петни жили се обидувал да им докаже на Англичанецот и на останатите членови дека границата не може да минува до самото село и оти треба да се помести. "Нашите селани одат на пазар во Ресен, а тие од селата Раби и Герман одат во Лерин", биле аргументите на Цветко.
Но бистриот селанец многу брзо сфатил со какви луѓе има работа, и нашол начин како да ги фати на најслабата точка. Иако со тешко срце, Цветко првин им го подарил својот убав бел коњ, кој толку многу му значел. Се договорил со селаните да им испечат јагниња и да им дадат да јадат и да пијат колку што им душа сака на чесните и тогаш надалеку признати демократи Французи и Англичани, дојдени во селото.
"Луѓе, ајде да им дадеме уште нешто, ќе им земеме уште некоја нива", им сугерирал Цветко на соселаните. "Цветко, доста ни е", бил нивниот одговор.
По долго "убедување" на софрата, демократите кои ги спроведувале одлуките на Букурешкиот договор, натапанети од јадење и пиење, нашле соломонско решение. Одлучиле да ја поместат границата за два-три километри, што значело добивка за Македонците од Дупенско на површина од околу 40-ина квадратни километри. Селото добило дел од планината Баба со врвот Цуце од 2.120 метри надморска височина, потоа нивите, дел од Преспанското Езеро и островчето Голем Град. "Се тоа само за еден бел коњ и добра софра", прераскажува внукот на дедо Цветко.
Цветко Диневски починал во 1964 година. Случката како со белиот коњ и со гозбата спасил планина, ниви и остров неповратно да отидат во владение на Грција, и денеска ја кажуваат помладите генерации во долнодупенскиот крај.
Соња К. Делевска

© ВЕСТ 2001
Секое користење на информации и фотографии од сајтот,
без дозвола на Редакција ВЕСТ е забрането
sloboden dneven vesnik Vest
Рекламен
простор