daily news paper Vest
Насловна 
Македонија 
Црна Хроника 
Свет 
Скопје 
Култура 
Ревија 
Калеидоскоп 
Живот 
Фељтон 
Прилог 
Пошта 
Хумор 
Спорт 
ФОТО 
Време 
Кина 
Site Meter
  Година: 7   Број:2066   Четврток   5/10/2007
  Македонија
Пребарувач
Во соработка со Најди!

ДЕНЕСКА СЕ ВЕНЧАВА ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ
Од работа право на свадба
Премиерот Никола Груевски само половина од денешниот ден ќе мине на работа. Речиси право од работа тој ќе замине на сопствената венчавка. Попладнево тој се венчава со 24-годишната Боркица Манчева на свадбената церемонија што ќе почне во Со

Премиерот Никола Груевски само половина од денешниот ден ќе мине на работа. Речиси право од работа тој ќе замине на сопствената венчавка. Попладнево тој се венчава со 24-годишната Боркица Манчева на свадбената церемонија што ќе почне во Соборниот храм "Св. Климент Охридски", а ќе заврши во скопскиот хотел "Холидеј ин".
Кога вчера му се обративме да ни каже повеќе детали, 36-годишниот Груевски ни рече дека прави "свадба како и сите обични луѓе" и инсистира таа да биде без помпа и протокол. На свадбата се поканети околу 200 гости, исклучително роднини и пријатели. Нема да има ни амбасадори ни многу политичари, освен оние со кои, како што вели тој, "приватно му оди муабетот и дружењето".
Премиерот нема да прави ергенска вечер, а денеска од работа ќе оди на бербер, па потоа ќе си земе малку време да се подготви за свадбата.
Дознаваме дека сите детали околу свадбата ги избирала Боркица. Таа се се занимавала со поканите, со менито и со распоредот на масите.
Невестинскиот фустан Боркица го избрала во бутикот "Зиане" во скопскиот трговски центар "Беверли хилс". Сопственичката на бутикот Зиане Бакиу вели оти Боркица не се претставила дека ќе биде невеста на премиерот туку дошла како обичен муштерија. Дури откако минатиот четврток ја виделе нејзина слика на насловна страница во "Вест", сфатиле за кого се работи.
Груевски ќе се венча во нов небрендиран црн свечен костум "како за на свадба", а чевлите требаше да ги купува дури вчера попладне, затоа што сакал да се појави на свадба со нови чевли.
Венчалните прстени Никола и Боркица ги избирале заедно во саботата попладне во златарски дуќан "Буцо" во скопската Стара чаршија. Таму велат дека сите биле многу изненадени кога виделе кој пазарува. Се собрале многу луѓе, па и ги понуделе муштериите со тулумби. Груевски и Боркица избрале бурми од бело и жолто злато. Тие чинат по 3.000 денари. Бидејќи големината на бурмите требало да се приспособи, тие вчера се уште беа во дуќанот и успеавме да ги сликаме пред да му ги испорачаат на Груевски.
Во Соборниот храм "Св. Климент Охридски" Никола и Боркица ќе ги венча поглаварот г.г. Стефан. Иако во МПЦ на премиерот му понудиле да му организираат специјална церемонија, младенците инсистирале тоа да не биде "премиерска" туку вообичаена црковна венчавка.
Вицепремиерот Зоран Ставрески е кум. На прашањето што ќе им подари на младенците, Ставрески вчера ни рече дека првин размислувал тоа да биде уметничка слика, но на крајот со сопругата Антоанета решиле сепак да подарат пари. Колку? "Колку што вообичаено дава кум. Кум си е кум", се насмеа Ставрески.
Старосватица е Славица, колешка на Боркица од Комисијата за хартии од вредност.
Девер е Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и прв братучед на Груевски.
На свадбата ќе свири оркестарот "Џорлеви".
Во кабинетот на премиерот велат оти Груевски не најавил дека ќе замине на меден месец. Велат дека можеби ќе земе продолжен викенд, но "не многу далеку од Скопје". Вистинскиот меден месец го планира за летоска, кога Владата ќе оди на одмор.
Никола и Боркица се во врска нешто повеќе од една година. За Груевски ова е втор брак. Нивните блиски велат дека и по венчавката Боркица ќе го придружува премиерот само таму каде што нејзиното присуство е неопходно од протоколарни причини. Брачната двојка Груевски ќе живее во станот во кој сега живее премиерот во скопската населба Кисела Вода. Не планираат да се селат во премиерската резиденција на Водно.
(Р.Ж.)

© ВЕСТ 2001
Секое користење на информации и фотографии од сајтот,
без дозвола на Редакција ВЕСТ е забрането
sloboden dneven vesnik Vest
Рекламен
простор