Министерството за одбрана, МВР и КФОР одлучиле да формираат комисија која ќе утврди што точно се случило во саботата попладне, кога, според тврдењата на МО, два хеликоптера на КФОР долетале, без никакво известување и барање од македонските власти, и во тетовските Шипковица и Бродец фрлиле по еден контејнер со непозната содржина и одлетале назад кон Косово, откај што дошле. КФОР наишол на цврст отпор и непопустливост кај врвот на АРМ и Министерството во обидот да ги разубедат дека им се присториле овие два тешки инцидента на КФОР, односно дека војската околу Бродец и Шипковица тоа попладне имала фатаморгана. Од разузнавачко-безбедносни извори, ВЕСТ дознава дека на една од средбите на највисоко ниво со македонските власти, високи претставници на КФОР сепак признале дека најостро ги нарушиле сите правила и стандарди во военото и цивилното воздухопловство, што значи грубо загрозување на воздушниот простор на Македонија, и тој ден слетале два хеликоптера - еден во Шипковица, еден во Бродец. Тие сметале и дека АРМ не поседува радари, набљудувачка опрема за регистрирање на летови на специфичните видови воени хеликоптери, авиони и други летала, но дека во тие реони под контрола на терористите, АРМ нема ни извидувачи. Во нивното усно извинување, велат нашите извори, стоело и објаснувањето дека двата хеликоптера на КФОР не фрлиле контејнери, туку радиорелејни уреди.
Министерството за одбрана, пак, и натаму останува на тврдењето дека со сигурност радарите и набљудувачката опрема на АРМ во саботата попладне регистрирале како најпрво еден хеликоптер на КФОР слетал во Шипковица и исфрлил контејнер со непозната содржина, а потоа 15 минути подоцна, истото го направил и друг хеликоптер на КФОР во Бродец. Официјално, заднинскиот штаб на КФОР и вчера категорично ги демантираше овие "привиденија" на АРМ, што вчера дополнително ги изреволтира Министерството и Армијата. Тие тврдат дека поседуваат докази не само дека хеликоптерите слетале во споменатите интервали и исфрлиле по еден голем контејнер туку и дека цела ноќ меѓу саботата и неделата униформираните терористи со возила ја разнесувале содржината од контејнерите, што за извидувачите на теренот било повеќе од сигурно дека од контејнерите било разнесувано пешадиско оружје.
Во официјалниот демант, КФОР негира дека воопшто нивни хеликоптери во споменатите термини влетале на македонска територија, туку дека нивни летала во тој момент поставувале радиорелејни уреди во Еребино и Призрен. На дополнувањето дека НАТО не ја поддржува ОНА, туку територијалниот интегритет на Македонија, што во неделата беше додадено во соопштението на КФОР, вчера во одбраната се чудеа на таквата изјава. - Зошто некој прв си ја ишка мувата од капата, кога никој од Министерството кога соопшти за инцидентите, не ги поврза со поддршка на НАТО на ОНА!? - се прашуваат во МО.
С.Колевска
|