Без никаква најава, барање или одобрение од македонските власти, американски хеликоптер "чинок" во саботата попладне го надлетувал тетовското кризно подрачје, истоварил два контејнера со непозната содржина и си заминал за Косово. Министерството за одбрана потврди дека во периодот од 16.45 до 17.05 часот тој ден хеликоптерот првин слетал во најголемото упориште на албанските терористи во Тетовско - Шипковица, во месноста Стара Бара, каде што испуштил контејнер и се вратил назад кон Косово. По само 25 минути, истото се повторило и во реонот на селото Бродец, поточно во месноста Дрван Венук, од каде, по испуштањето на вториот контејнер, леталото во 1.40 часот се упатило назад, во правец Бродец-Вешала-Косово.
На грубото прекршување на правилата и загрозувањето на воздушниот простор на Македонија, противвоздушната одбрана во АРМ не реагирала. Министерството за одбрана веднаш побарало официјално објаснување од командата на КФОР во Косово за инцидентот, односно беспримерното и арогантно однесување од нивна страна, но никаков одговор немало ни во саботата, па дури ни вчера, барем до попладневните часови. "Побаравме, секако, и објаснување за содржината во контејнерите и целите на транспортот во Шипковица и Бродец, но одговор с&ицирц; уште немаме добиено", велат официјални извори од Министерството. Анонимни безбедносни извори вчера изјавија дека се сомневаат оти хеликоптерот во Шипковица и Бродец исфрлил пешадиско оружје!?
Наспроти овие сомневања, заднинскиот штаб на КФОР вчера негираше дека воопшто, хеликоптери влегле на македонска територија. "По поплаките на МО за прекршување на воздушниот простор за поддршка на т.н.ОНА, НАТО известува дека во споменатите два наврата Мултинационалната бригада Југ ги користеше своите хеликоптери со цел да воспостави сигнална радио-релејна станица меѓу Еребино и Призрен, северно од границата со Косово. Во ниту еден момент леталата не влегоа во воздушниот простор на Македонија", се наведува во соопштението, каде стои и дека НАТО целосно го поддржува територијалниот интегритет на македонија и не дава никаква поддршка на вооружените етнички албански групи.
Сличен настан, за кој тогаш сведочеа жителите на Општината Липково, а НАТО никогаш не призна, се случи пред околу три години, кога хеликоптер на КФОР на Косово испушти огромен контејнер во Липковското Езеро. Со денови потоа нуркачки екипи, на чие чело застана токму екипа на НАТО, како "поопремена и пообучена" од нуркачите од МВР, го пребаруваа Езерото, за на крајот да кажат дека - на дното нема никаков контејнер. Во меѓувреме, се плетеа најразлични приказни дека НАТО таму фрлил оружје, потоа опасен медицински отпад од Косово и што уште не. Вистината не се докажа, но се заклучи дека по избивањето на воената криза во Македонија, особено во липковскиот крај, каде што беше најжестоко, токму овој реон беше првиот освоен од терористите. Липково е се уште под нивна контрола.
С.Колевска
|