daily news paper Vest
Насловна 
Македонија 
Црна Хроника 
Свет 
Скопје 
Култура 
Ревија 
Калеидоскоп 
Живот 
Фељтон 
Прилог 
Пошта 
Хумор 
Спорт 
ФОТО 
Време 
Денес    
ден: 32
ноќ: 18
Утре    
ден: 36
ноќ: 18
Задутре    
ден: 37
ноќ: 14
Кина 
Site Meter
  Година: 2   Број:300   Петок   7/6/2001
  Македонија
Пребарувач
Во соработка со Најди!

ОД МИНУТА ПО ПОЛНОЌ
Безусловен прекин на огнот
Примирјето се регулира со два посебни договора, едниот потпишан меѓу Македонија, НАТО и ЕУ, а другиот, помеѓу НАТО и политичкиот лидер на ОНА Али Ахмети

До крајот на август, ослободителната национална армија треба да биде разоружана. Силите на НАТО ќе дојдат во Македонија кон крајот на јули, и ќе имаат еден месец време да го комплетираат собирањето на оружјето од албанските паравојници. Во меѓувреме, треба да се одвива интензивниот политички дијалог, чии први резултати се очекуваат на 15 јули, а за септември е предвидено донесување на пакет уставни промени за кои ќе се договорат лидерите на четирите партии, под олеснувачкото надгледување од претставниците на меѓународната заедница. Предвремените избори ќе се одржат на крајот на ноември, наместо претходно предвидениот датум, 27 јануари в година.
Ова се накусо резултатите од интензивните разговори што ги наметна меѓународната заедница за што побрзо разрешување на кризата во Република Македонија. Точките се најверојатниот план по кој етапно ќе се одвива стабилизацијата на земјата, а за нив е преговарано со македонските власти и со политичкиот лидер на ОНА Али Ахмети. Со ОНА е договорено како постапно ќе се одвива разоружувањето и распуштањето на нејзините герилци кои повеќе од четири месеци стрелаат врз македонскиот мир. Политичките промени, пак, се договарани со македонската страна, а тие се условени со целосно разоружување на милитантните Албанци.
Од утринава, пак, од 00.01 часот, на територијата на Македонија се прогласува сеопфатен прекин на огнот. Договорот со претставниците на НАТО и ЕУ, од македонска страна го потпишаа началникот на Генералштабот на АРМ генерал Панде Петровски и генералот на македонската полиција Ристо Галевски. Двајцата високи претставници на македонските сили го ставија потписот на договорот вчера во 10.15 часот, по "широките и сеопфатни консултации во рамките на Владата и во тесна координација со претседателот на Македонија". Ваквиот чекор од Координативното тело за справување со кризата е окарактеризиран како неопходен во Планот за надминување на кризата и за разоружување на албанските терористички групи, а е направен по "добиените гаранции од НАТО дека албанските терористички групи кои дејствуваат во актуелните кризни жаришта на територијата на Македонија, целосно ќе го прекинат огнот како прв чекор кон нивно разоружување". Прекинот на огнот ќе го надгледуваат набљудувачите на ОБСЕ и на ЕУ. Притоа, Македонија го задржува правото да ги употреби безбедносните сили, во случај на вооружена провокација или илегално преминување на границата на вооружени групи и поединци. Координативното тело вчера соопшти дека прекинот на огнот "сигурно не значи и завршување на кризата, но создава неопходни предуслови во мирна атмосфера да продолжи процесот на интензивираните политички разговори".
Од дијалогот, пак, мора да се видат резултати до 15 јули и да бидат јавно сооштени од македонската страна како постигната политичка одлука, затоа што НАТО трупите би дошле во Македонија 5 до 8 дена по овој датум, со околу 3.000 војници, како што се зборува во јавноста, и со јасен мандат за разоружување на паравојниците на ОНА, кој ќе трае само 30 дена. На овие, треба да се додадат уште 15 дена за разместување на НАТО трупите, но целиот мандат не смее да биде подолг од 45 дена. Со овие трупи ќе учествуваат војници од 15 земји, а ќе се изготви технички договор за нивно сместување. Правната рамка на договорот би се барала во рамките на постојниот СОФА договор и во Партнерството за мир.
Оружјето ќе биде собирано на 15 пунктови за разоружување, во актуелните кризни жаришта, но и во потенцијалните, како Дебар, Гостивар и други градови или, како што велат дипломатски извори, практично во цела западна Македонија. Арсеналот на албанските паравојници ќе се уништува во трета земја, со присуство на претставници од Македонија, а неофицијално меѓу опциите се оперира со името на Унгарија, каде беше уништувано запленетото оружје од источна Славонија, по Хрватско - српската војна. Во владини кругови, на големо се зборува за подготвување закон со кој драконски би се казнувало нелегалното држење оружје, а него, според нашите информации, го подготвуваат САД.
Паралелно со дијалогот, предвидена е агресивната медиумска кампања, која ќе му претходи на разоружувањето, а ќе се фокусира на објаснувањето на оние што не направиле кривични дела, дека ќе бидат амнестирани и ослободени од одговорност. Кампањата ќе се фокусира и на враќањето на раселените лица во поранешните кризни региони. Според високи владини извори, прекинот на огнот ќе го надгледуваат и НАТО и КФОР со свои мониторинг мисии, што е фактички дел од фазите на планот на претседателот Трајковски, кој уште на 31 мај побарал учество на НАТО во разоружувањето.
Структурите на НАТО уште од моментот кога се согласија да учествуваат во ваквата операција, своето доаѓање го условија со одржлив прекин на огнот. Во договорот што тие го потпишаа со македонската страна, се потенцираат и уставните промени кои треба да одат на основа на предлозите на правниот експерт Робер Бадентер, чии ставови повеќе им одат на рака на македонските партии и преговарачи, и кои треба да се донесат до септември, како увод во предвремените избори во Македонија.
Потпишани се два паралелни договори, со Македонија и со ОНА, при што оној со политичкиот лидер на албанските терористи Али Ахмети, завчера, една минута по полноќ го потпишал Питер Фејт, кој преговараше и со ОВПМБ во јужна Србија. Клучната дилема, пак, е дали разоружувањето и дијалогот да се одвиваат паралелно, или прво да се одземе оружјето од ОНА па потоа раат да се разговара. Но, странските дипломати сметаат дека во договорот има уште една пипава работа. Имено, ако има мал број провокации од терористите, тоа би значело дека Ахмети има команда врз нив, но прашањето е што ако нападите воопшто не стивнат? Притоа, во правењето на договорот со македонската страна, како што велат високи владини извори, оставена е можност за пропорционално одговарање на нападите на албанските герилци, под услов да не се претерува во реакциите.
Претседателот Борис Трајковски изјави во средата дека политичарите се согласиле да ја засноваат својата потрага по мировна спогодба на францускиот експерт по уставно право. По дводневна криза и средби со западните емисари, политичарите заклучиле да започнат мировни преговори во вторникот вечер, но недоразбирањата околу главните препреки, барањата на Албанците за право на вето за клучните владини одлуки, се уште остануваат.
Л. Јаневски

© ВЕСТ 2001
Секое користење на информации и фотографии од сајтот,
без дозвола на Редакција ВЕСТ е забрането
sloboden dneven vesnik Vest
Рекламен
простор